26.4.2014 Гигс: Горд, среќен и нервозен
Рајан Гигс вчера ја одржа својата прва прес конференција како вд менаџер на Манчестер јунајтед.
Четириесетгодишниот Велшанец доби шанса да го води клубот во кој е од својата 13-та година после отказот на Дејвид Мојс.
„Ова најгордиот момент во мојот живот. Навивам за Манчестер јунајтед цел мој живот. Во клубот сум од мојата 13 година. Горд сум, среќен и малку нервозен. Ова е исто како и да играм, едвај го чекам натпреварот во недела“, изјави Гигс.
Гигс е именуван за вршител на должноста менаџер на последните четири меча во Премиер лигата.
„Мислам само на Норвич и на следните три натпревари, после тоа којзнае што ќе се случи. Фудбалерите одлично реагираа на тренингот и ќе се потрудиме добро да ја завршиме разочарувачката сезона. Верувам во играчите, знам за што се способни и сакам тоа да го докажат во недела“, додаде Гигс.
„Ова беше фрустрирачка сезона за сите. Заедно се победува, заедно и се губи. На последните четири меча сакам да го вратам позитивниот став, да ги вратам насмевките. Сакам да видам лизгачки стартови и голови. Сакам да ја вратам страста кај навивачите . Сакам фудбалерите да уживаат и да се изразат на теренот. Тоа е мојата филозофија откако сум во Манчестер. Сакам фудбалерите да играат страсно, брзо, храбро. Мораат да работат многу и да уживаат во тоа. Знам дека јас уживам во играта и на тоа ќе работам со тимот“, заклучи Гигс.
Јунајтед во 36 коло од Премиер лигата го пречекува Норвич, а на останатите три меча (има натпревар помалку) ќе се бори за пласман во Лигата на Европа.