Корисничко име Лозинка Пријави се
24.4.2014

Сколс ќе им асистира на Гигс, Бат и Невил

Рајан Гигс, легендарниот фудбалер на Манчестер јунајтед, во понеделникот го презеде водењето на „црвените ѓаволи“, а во работата ќе му помагаат поранешните соиграчи.

Гигс е именуван за привремен менаџер на Јунајтед откако му беше врачен отказот на Дејвид Мојс, а веднаш беше познато дека во работата ќе му помагаат Ники Бат и Фил Невил. Ним во вторникот им се придружи и Пол Сколс, а од редовите на „црвените ѓаволи“ испратија соодветна порака за добредојде на социјалната мрежа „Твитер“.
Именувањето на Велшанецот за менаџер не значи дека тој ја заврши кариерата, но сега пред него е многу тешка работа – да го одведе Јунајтед во Европа наредната година. „Црвените ѓаволи“ моментно се наоѓаат нa седмото место на табелата на Премиер лигата, а шестопласираниот Тотенхем, кој го држи последното место кое води во Лигата на Европа, има шест бодови повеќе и натпревар помалку. До крајот остануваат уште три кола.
Именувањето на Гигс за привремен менаџер предизвика воодушевување кај навивачите на Јунајтед. Но, медиумите истакнуваат дека тој не е меѓу кандидатите за постојано решение, туку дека челниците на „црвените ѓаволи“ сакаат многу поискусен менаџер кој ќе ги извлече од моменталната ситуација.
Во клубот се надеваат дека Гигс ќе остане во стручниот штаб кога ќе се именува постојаниот заменик на Мојс, но дека, сепак, за тоа ќе одлучи неговиот наследник.
Уште пред да му биде врачен отказот на Мојс, како потенцијални наследници се споменуваа Јирген Клоп и Луис ван Хал, а на списокот се придружи и Карло Анчелоти. Клоп веќе се изјасни дека останува верен на Борусија од Дортмунд, Анчелоти има договор со Реал, додека од нив тројцата единствено е слободен Ван Хал, но дури по Светското првенство во Бразил, кога му истекува договорот со репрезентацијата на Холандија.


Најнови вести