Корисничко име Лозинка Пријави се
13.7.2011

УЕФА: Турците сепак во Лигата на шампионите

Европската фудбалска унија им дозволи на турските клубови Фенербахче и Трабзонспор да учествуваат во Лигата на шампионите, иако лидерите на двата клуба беа уапсени во истрагата за корупција.

„Ова е сложен случај. Според информациите што ги добивме, заклучивме дека не постои ништо во правилата и статутот на УЕФА на основа на која би го одбиле влегувањето на кој било клуб што е дел од истрагата во Турција“, се наведува во соопштението од Нион.

УЕФА, исто така, го прифати предлогот на Фудбалскиот сојуз на Турција да им дозволи учество на овие клубови во најпрестижното клупско фудбалско натпреварување, и покрај бројните тврдења дека екипите подмитувале и местеле натпревари за да дојдат до првите две места во првенството.

Трабзонспор ќе учествува во ждрепката за третото квалификациско коло, додека шампионот Фенербахче има обезбедено директен пласман во фазата по групи на Лигата на шампионите.

Турскиот фудбалски сојуз одлучи да ја одложи правната акција спрема клубовите сè додека не се донесат судските пресуди. Лигата на шампионите бара писмени гаранции дека клубовите не местеле натпревари од 2007 година.

Европската куќа на фудбалот предупреди дека клубовите може да бидат казнети дури и по влегувањето во УЕФА-натпреварите.

„Одлуката клубот да се исклучи од ова натпреварување или од кое било друго европско натпреварување на неколку години може да биде донесена кога било ако се открие дека клубот се квалификувал по пат на манипулација или корупција“, пишува во соопштението.

Обвинителите обвинија десет осомничени, вклучувајќи го и претседателот на Фенербахче дека наместил 19 прволигашки и второлигашки натпревари.

Претседателот на Табзонспор е приведен поради испитување.

Фенербахче ја освои титулата благодарејќи на подобрата гол-разлика, бидејќи во завршницата победи на 16 од последните 17 натпревари. Бурсаспор беше трета, а да реагираше Турскиот фудбалски сојуз, можеше да стане шампион и да се пласираше во Лигата на шампионите.

Во меѓувреме турската полиција приведе уште осомничени, вклучувајќи и двајца високи функционери на Бешикташ.

Најнови вести