24.8.2018 Теодор се враќа во земјата на сопругата
Натурализираниот Македонец е во преговори со Бешикташ
Американскиот плејмејкер Џордан Теодор, кој од пред една година има и македонски пасош, е во преговори со Бешикташ за премин во истанбулскиот тим. Во минатата сезона, Теодор беше член на евролигашот Армани Милано, но клубот реши летово да направи огромен ремонт и да ги смени речиси сите играчи, па и на Теодор му беше раскинат договорот.
Сега натурализираниот Македонец е во потрага по нова клупска средина, а се чини дека во моментов е најблиску до Бешикташ. Летово Бешикташ го смени тренерот Уфук Сариџа и на негово место го стави Душко Ивановиќ, па Црногорецот е заинтересиран за Теодор.
За Теодор се интересираше и Црвена ѕвезда, но работата остана само на почетни разговори. Во полза на истанбулскиот тим може да биде и тоа што сопругата на Теодор е Турчинка. Taa од 2008 до 2012 играше за Бешикташ. Покрај тоа, за Турција го врзува и најдобрата сезона во кариерата, кога како член на Банвит блескаше и го привлече вниманието на најголемите европски клубови.
За нашата репрезентација настапи во неуспешниот циклус против Косово и Естонија од претквалификациите за СП 2019, па селекторот Јорданчо Давитков веќе не го става на листата на кандидати, туку предност им дава на високите Американци кои имаат наш пасош.