Корисничко име Лозинка Пријави се
28.6.2011

Фаворитите лесно до четврт-финалето

Рафаел Надал, Роже Федерер и Новак Ѓоковиќ се пласираа во четврт-финалето и до крај ќе ја прават битката за титулата на „Вимблдон“ неизвесна.

Рафаел Надал во понеделникот, иако повреден, стисна заби и го совлада Аргентинецот Дел Потро, па така засега ја одбрани позицијата број еден на АТП-листата. Сепак, сега се поставува прашањето дали Шпанецот ќе може да издржи до крај со оваа повреда, која му создаваше многу проблеми. Денеска се очекува најдобриот тенисер да изврши неколку лекарски прегледи за да се утврди тежината на повредата.

Третиот тенисер на светот, Роже Федерер, иако го загуби првиот сет од Михаил Јужни, во наредните три успеа без проблеми да победи и на крајот да се пласира понатаму. Ова за него беше првиот изгубен сет на „Вимблдон“, а за полуфинале ќе се бори со црномурниот Французин Жо-Вилфред Цонга, кој со 3-0 во сетови го совлада Давид Ферер.

Новак Ѓоковиќ, пак, уште полесно славеше во дуелот со Микаел Лодра, победувајќи во сите три сета идентично со 6:3, 6:3, 6:3. Следен противник ќе му биде осумнаесетгодишниот Австралијанец Бернард Томиќ.

Во дуелот со Лодра, Новак ја покажа целата своја надмоќ, покажувајќи дека конечно е подготвен да го преземе врвот на АТП-листата. Во тој меч Србинот не дозволи ниту еден брејк, а така беше и во последниот сет, кога ја завери третата победа во четвртиот натпревар со Французинот.

Денес за машките тенисери е ден за одмор, а веќе од утре стартуваат четврт-финалните натпревари.

Најнови вести