22.10.2012 Марсеј остана без Жињак
Екипата на Марсеј вчера претрпе два тешки удари на гостувањето кај „фенерџијата“ Троа во деветтото коло на францускиот шампионат. Не само што изгуби со 1-0, туку остана и без својот најдобар напаѓач Андре-Пјер Жињак, кој ја скрши петтата метатарзална коска во левото стапало.
Марсеј во првите шест кола имаше сто отстотен учинок. Во следните три средби (Валенсиен, ПСЖ, Троа) освои само еден бод, и тоа во дербито против ПСЖ (2-2). Ја испушти водечката позиција на табелата, која ја презеде ПСЖ со 19 бодови, колку што има и Марсеј, но со полоша гол-разлика.
Вчера Марсеј изгуби со 1-0 кај Троа, која до таа средба беше последна на табелата, а ова ѝ е прва победа. Марсеј, пак, одигра прв натпревар во првенството во којшто не постигна гол.
Покрај тоа, екипата на тренерот Ели Боп остана и без Жињак поради фрактура на стапалото. Жињак со пет голови е најдобар стрелец на клубот во првенството. Сè уште не се знае колку долго ќе мора да паузира, но сигурно барем неколку седмици.
„Лоша вест. Всушност, две, бидејќи воедно го изгубивме натпреварот. Но повредите се составен дел од кариерата на фудбалерите“, рече Жињак.