Корисничко име Лозинка Пријави се
26.3.2012

Меси и Роналдо, дуото кое ги руши сите рекорди!

Саботниот натпревар од 30-тото коло на шпанската фудбалска лига донесе нови рекорди во режија на Лео Меси и Кристијано Роналдо, двата најдобри фудбалери на денешницата.

Лионел Меси сруши два најдобри рекорди во победата (2-0) на Барселона над Мајорка. Аргентинецот стана странец со најмногу првенствени настапи во историјата на Барселона, каде што со 205 настапи го стигна рекордот на Холанѓанецот Филип Коку. А со првиот погодок на натпреварот, својот 35-ти првенствен оваа сезона, Меси стана најдобар лигашки стрелец на Барселона во текот на една сезона.
Тој рекорд со години го држеше Роналдо, кој во сезоната 1996/97 постигна 34 гола. Погодокот на Меси прво беше воден како гол на Алексис Санчес, но деталните анализи по средбата покажаа дека Чилеанецот не ја допрел топката пред таа да влезе во голот.
Оваа седмица, исто така, долго ќе ја памети и Кристијано Роналдо, кој повторно блескаше. Роналдо постигна два погодоци во победата (5-1) на Реал Мадрид над Реал Сосиедад со што Португалецот стана играч со најбрзо постигнати 100 голови во историјата на шпанската лига. Кристијано Роналдо на своето конто има 101 погодок во 92 натпревари, а тој рекорд многу години беше во сопственост на Ференц Пушкаш, кој 100-те погодоци ги постигна на 105 натпревари.
Кристијано Роналдо и Лионел Меси блескаа во текот на целата сезона, а се чини дека до крајот на сезоната двајцата ќе срушат уште по неколку рекорди.

Најнови вести