30.1.2012 Ѓоковиќ победник во „маратонот“ во Мелбурн
Светскиот рекет број еден, Новак Ѓоковиќ, ја одбрани титулата во „Австралија опен“ по маратонското финале во кое го победи Рафаел надал со 3:2 (5:7, 6:4, 6:2, 6:7, 7:5).
Во најдолгиот финален меч на еден гренд слем турнир, по голема борба српскиот тенисер го освои својот трет трофеј во Мелбурн, а петти гренд слем турнир во кариерата.
Во мечот кој ќе остане запишан во историјата, по израмнетата борба во првите два сета, Ѓоковиќ доминираше во третиот и го доби со 6:2 за 45 минути, и беше блиску до победа во четвртиот, но Надал се врати во игра и по прекинот поради дожд го доби сетот во тај-брејк.
Во петтиот сет Надал поведе со 4:2, но Ѓоковиќ израмни на 4:4, а се играше гем за гем за 5:5, а во 11-от гем Србинот направи брејк и го доби антологиското финале кое траеше пет часови и 53 минути, што е најдолг финален меч на еден гренд слем турнир во историјата на тенисот.
Рафаел Надал стана прв тенисер кој загубил на три финалиња на гренд слем турнирите по ред и тоа сите три пати беше поразен од Ѓоковиќ.
Во женското финале, Белорусинката Викторија Азаренка ја освои својата прва гренд слем титула откако во финалето ја победи Марија Шарапова со 6:3, 6:0.