Корисничко име Лозинка Пријави се
14.8.2018

Македонските јуниори маршираат кон елитата

Обезбедено е првото место кое носи полуфинале

Македонија ја совлада Швајцарија со 32-31 и го осигури првото место во групата А на ЕХФ шампионатот за ракометари до 18 години, кој се одржува во Грузија. 
Македонскиот тим одлично го отвори натпреварот и водеше во текот на целото прво полувреме. По седум минути игра, резултатот беше 4-1 за „црвено-жолтите“ и тие постојано го контролираа резултатот, а најголемата разлика беа оние 13-7 во 25-тата минута. На пауза се замина со плус три за Македонија. 
Нашите го контролираа резултатот, имаа 21-16 во 38-мата минута, но тогаш се случи огромен пад, а кризата ја искористи противникот. Во 42-рата минута, Швајцарците сериозно се заканија и намалија на 20-21, а две минути подоцна и поведоа со 23-21, комплетирајќи ја големата серија од 7-0.

За среќа, младите македонски ракометари брзо се созедоа од шокот, повторно заиграа како што знаат и на шест и пол минути до крајот поведоа со 29-27. На една и пол минута до крајот имавме среќа кога Швајцарците утнаа зицер (ја погодија пречката) за 31-31. Македонија погоди во следниот напад и дојде до клучната победа за освојување на првото место во групата. 
Противник на Македонија во полуфиналето ќе бидат Италија или домашната Грузија, две селекции кои денеска попладне играат меѓусебен дуел и нашиот стручен штаб предводен од Данило Брестовац ќе може да ги сними противниците и да им ги најде слабите страни. Задутре Македонија игра со Естонија.


Најнови вести