03.8.2018 РК Вардар со три новитети во составот
Македонскиот првак ќе им даде шанса за докажување на тројца младинци
Ракометниот клуб Вардар повика тројца младинци од Академијата за подготовките во Словенија, кои се веќе во тек. Шанса за докажување добиваат голманите Андреј Петковски и Даниел Ставровски, како и бекот Марко Мишевски. Тројцата ќе бидат дел од тимот и за турнирот во Германија, на кој Вардар ќе настапи пред почетокот на новата сезона.
„Секако дека и помладите ќе добијат шанса. Сакаме да видиме како ќе се вклопат со сениорите и доколку постои можност, но и подготвеност од нивна страна, ќе добијат шанса да заиграат на некои натпревари во текот на сезоната. Тоа ќе биде долга сезона и ќе ни биде потребен голем ростер“, истакна тренерот Парондо на официјалната веб-страница на Вардар.
Вардарци до деветти август ќе бидат во Крањска Гора, Словенија, на подготовки, а потоа патуваат за Германија. Сезоната за македонскиот шампион започнува на 18-ти август, кога ќе се пресретне со Металург во рамките од Суперкупот на Македонија, а мечот ќе се игра во Струга.