26.8.2018 Академија Пандев не го дава врвот, победа и на Вардар
Само пет гола на четирите мечеви одиграни попладнево
Екипата на Академија Пандев го задржа лидерското место во Првата фудбалска лига на Македонија, откако минимално со 1:0 славеше против Шкупи во Струмица. Дефанзивецот Диме Димов беше стрелец на голот кој значеше победа за струмичани. Димов погоди во 21 минута, што се покажа и како клучен момент на средбата.
Академија Пандев во последните 15-тина минути на мечот играше со фудбалер помалку, откако исклучен беше Стојчевски. И покрај тоа што беа со 10 луѓе на теренот, Академија Пандев ја сочува предноста и стигна до третата победа во третиот меч сезонава. Ниту еден друг тим нема максимален ефект.
Еден гол за победа му беше доволен и на Вардар. Најтрофејниот македонски клуб славеше со 1:0 против Македонија Ѓорче Петров. Тигран Барсегјан во 41 минута ја затресе мрежата на гостите, за победа на фаворитот.
Во останатите два меча кои се одиграа денеска Силекс во Кратово со 1:0 ја победи Ренова, а Работнички беше единственот кој славеше на гости и тоа кај Победа со 2:0.
Табела: Академија Пандев 9 бодови, Вардар 7, Работнички 6, Силекс 4, Победа 4, Ренова 3, Шкендија 2 (меч помалку), Шкупи 2, Македонија ЃП 1, Беласица 0 (меч помалку).