Корисничко име Лозинка Пријави се
01.9.2018

Беласица подготвува спектакл и изненадување за Вардар

По 13 години пауза Беласица ќе му биде домаќин на Вардар во Струмица, во првенствен меч, а денеска од 16,15 часот домаќините подготвуваат спектакл и изненадување за најтрофејниот македонски клуб

Дербито на четвртото коло во домашното првенство ќе се игра во Струмица, а гостин на Беласица по повеќе од една деценија ќе и биде десеткратниот македонски првак Вардар.
Старото ривалство од последните години на минатиот век и почетокот на овој милениум, кога двете екипи водеа жестока битка за титулите ќе се обнови. Иако на Беласица не и цветаа рози на стартот од шампионатот и е на дното од табелата со три порази и без бодови, домаќините се надеваат на подвиг и победа. Струмичани во последните денови од преодниот рок се засилија со искусните играчи, Филип Ивановски и Стефан Вујчиќ, па се надеваат на успех против фаворитот.
Вардар иако има финансиски проблеми и е во некаков транзициски период игра одлично на стартот од сезоната. „Црвено-црните“ немаат примено гол 287 минути, а на последните три официјални натпревари мрежата на Филип Гачевски мируваше. Во одлична форма е Тигран Барсегјан, одбраната е цврста што е гаранција дека Вардар има квалитет за нов триумф во атакот на врвот на табелата. Таму моментно е втората екипа од Струмица, Академија Пандев, но за нив денеска следи голем предизвик. Академците на Горан Пандев ќе му бидат гости на Работнички во второто дерби од четвртата рунда. Мечот ќе се игра на националната арена „Филип Втори“ од 20 часот.
Од 16,15 часот Ренова ќе и биде домаќин на Македонија Ѓорче Петров, а во истиот термин во Кратово Силекс ја чека Победа.
Последниот меч од ова коло ќе се игра утре. Во ново дерби Шкупи ќе и биде домаќин на Шкендија исто така од 16,15 часот.

Двојки, 4. коло, денеска:
Беласица – Вардар, Ренова – Македонија Ѓ.П., Силекс – Победа (сите од 16,15 часот). Работнички – Академија Пандев (20 ч.).
Утре: Шкупи – Шкендија (16,15 ч.)

 

Најнови вести