29.8.2018 Исклучувањето на Дибиров го разбуди и го разлути Вардар
Русинот доби црвен картон при 23-22, на крај победата над Металург изразена со 6 гола разлика
Вардар на свој терен во „Јане Сандански“ го совлада Металург со 34-28, во првото коло од новата сезона во регионалната СЕХА-лига. Неодамна вардарци го победија ривалот од Автокоманда со девет разлика во Суперкупот на Македонија во Струга, а сега беа подобри и во СЕХА.
Клучен момент на средбата се чини дека беше мини-инцидентот кој се случи во 43-тата минута, при резултат 23-22. По еден фаул на Маџовски над Криштопанс, Дибиров се обиде да се пресмета со противничкиот играч, со оттурна и доби црвен картон. Тоа исклучување на Русинот како да делуваше мотивирачки за неговите клупски колеги, па налутениот Вардар се разигра и направи серија од 8-2 за 31-24, со што го одлучи победникот на осум минути до крајот.
Кај Вардар ги немаше повредените Стоилов, Карачиќ и Борозан. Најрасположен во нападот беше пикерот Мораеш со 8 гола од 10 обиди. Дибиров заврши со 5 погодоци, а Милосављев имаше 12 одбрани.
За Металург, кој не можеше да смета на засилувањата Миличевиќ и Мијатовиќ, продолжи постот од пет години без победа во СЕХА против „црвено-црните“. Најефикасни беа Јагањац со 6 и Кузмановски и Јаугриновски кои погодија по 4 пати, додека Томовски одбрани 9 топки.