Корисничко име Лозинка Пријави се
05.6.2018

Нејмар: Никогаш нема да бидам подобар од Роналдо, Пеле...

Бразилскиот фудбалер Нејмар се наоѓа на четвртото место на вечната листа на стрелците на репрезентацијата, но по пријателскиот натпревар со Хрватска изјави дека не му е целта да биде рекордер по бројот на постигнати голови.

Одличниот напаѓач со погодокот против Хрватска дојде до 54 во дресот на репрезентацијата и сега заостанува само со еден зад третопласираниот Ромарио. Првите две места ги заземаат Пеле со 77 и Роналдо со 62.
„Не постои борба за најдобар стрелец, тоа се само бројки. Ги почитувам Пеле, Роналдо, Ромарио, тие се моите идоли, беа пред мене во репрезентацијата и никогаш нема да бидам подобар од нив. Среќен сум за постигнатиот гол, но не сакам да се споредувам со нив“, изјави 26-годишниот Нејмар.
Играчот на ПСЖ во натпреварот против Хрватска се врати по повеќемесечното отсуство поради повредата на стапалото. Во еден момент во прашање беше доведен и неговиот настап на Мундијалот.
„И понатаму имам малку страв, но со секој тренинг е сè подобро. Се чувствувам непријатно, три месеци бев надвор од теренот, тоа е нормално. Мислам дека моментно сум на 80 отсто од можноста“, додаде Бразилецот.
Бразил во Русија ќе игра во групата Е заедно со Србија, Костарика и Швајцарија, против која ќе стартува на 17-ти јуни.

Најнови вести