Корисничко име Лозинка Пријави се
31.5.2018

Зидан веќе не е тренер на Реал Мадрид!

Зинедин Зидан ја напушти клупата на Реал Мадрид само по пет дена откако на Кралевите им ја донесе третата последователна шампионска титула на Европа.

Зидан одлуката ја соопшти на конференцијата за медиумите во Мадрид и ја зачуди јавноста, но и челниците на клубот, на коишто не им е јасна оваа одлука на Французинот.
„Ова е јасна одлука за мене, која на многумина им нема смисла, но јас мислам дека е време за промена. Мадрид ми даде сè и до крајот на животот ќе останам близок на клубот“, изјави Зидан.
Поранешниот француски фудбалер на чело на клупата на мадриѓаните дојде во 2016 година, со коишто еднаш ја освои Примера лигата, еднаш Суперкупот на Шпанија, по два пати Суперкупот на УЕФА и Светското клупско првенство, но и најзначајното – три пати по ред Лигата на шампионите!
На изненадувачката конференција за медиумите прво се појави Флорентино Перес, претседателот на клубот, кој не сакаше да зборува пред Зидан бидејќи сметал дека ваквата одлука мора тој лично да ѝ ја објасни на јавноста.
„Донесов одлука да го напуштам местото тренер на Реал Мадрид, знам дека е чудно, но на овој тим му е потребна промена за да продолжи да победува. Потребен му е некој друг глас, друга работна етика и затоа ја донесов оваа одлука“, изјави Зидан.
Перес му се заблагодари на Зидан за посветеноста на клубот и изјави дека останал затечен кога Зидан, само еден ден порано, му кажал што планира да направи.
„Му благодарам за посветеноста, за љубовта и за сè што направи за Реал овие години. Ова не е збогум, ова е се гледаме наскоро, но ако му треба пауза, тој ја заслужува. По освојувањето на Лигата на шампионите, секако, одлуката е неочекувана, но ние мораме да го почитуваме тоа. Јас бев многу збунет кога дознав што одлучил. Сакав да го одвратам од оставката, но сепак сè ми беше јасно“, изјави Флорентино Перес.
Дали Зидан ја наведе вистинската причина за оставката или не, останува да се шпекулира, додека можеби не се појави во јавноста, а не се знае кој е потенцијалниот наследник на Французинот на клупата на Кралскиот клуб, како неговиот следен ангажман.

Најнови вести