Корисничко име Лозинка Пријави се
10.4.2018

Торес: Си одам од Атлетико

Фернандо Торес, легендата на Атлетико Мадрид, изјави дека одлучил на крајот на сезоната да ги напушти саканите „јорганџии“.

На Торес ова му е втор мандат во Атлетико, по првиот период од 2001 до 2007, ги носеше дресовите на Ливерпул, Челзи и Милан, а повторно се врати во 2015 година.
Но, оваа сезона е во втор план, главно е резервен играч кај Диего Симеоне, па на 34 натпревари постигна само седум погодоци.
„Дојдов на десет години и ова е мојот дом. Сите мои соништа се исполнети со играњето во Атлетико. Време е за разделба, ова е мојата последна сезона. Одлуката не беше лесна, но морав да ја донесам и да ја објавам поради почитта кон навивачите и кон клубот“, изјави Торес.
Тој за Атлетико постигна 126 погодоци, за Ливерпул 81, за Челзи 45 и еден за Милан. На 110 настапи за репрезентацијата на Шпанија даде 38 гола, два пати беше шампион на Европа и еднаш светски шампион.
Зимоска се шпекулираше дека кариерата би можело да ја продолжи во Кина, иако пореална опција е американската МЛС-лига.

Најнови вести