Корисничко име Лозинка Пријави се
13.12.2011

Фогел потпиша договор со Базел

Хајко Фогел, триесет и шестгодишниот германски стратег, потпиша договор со кој ќе биде прв тренер на швајцарскиот шампион Базел до 2014 година.

Со потпишувањето на овој договор Фогел престанува да биде привремен тренер. Тој уште од 2009 година, па сè до неодамна беше помошник-тренер на својот сонародник Торстен Финк на клупата на Базел, а двајцата претходно соработуваа и во Инголштад. Откако Финк во средината на октомври седна на клупата на Хамбургер, Фогел доби шанса во Базел како прв тренер на привремена основа, а од вчера и на целосна.
Управата на клубот го награди за фантастичните постигнувања. Откако го презеде клубот, Базел е непоразен во швајцарскиот шампионат, во кој е на лидерската позиција со седум бода предност пред конкурентите.
Што е уште поважно, тој го одведе тимот во нокаут-фазата од Лигата на шампионите по прв пат во клупската историја, и тоа благодарејќи на големата победа во последното коло во натпреварувањето од групната фаза против Манчестер јунајтед.

Најнови вести