Корисничко име Лозинка Пријави се
31.7.2017

Торес сака да ја заврши кариерата во Атлетико

Фернандо Торес, фудбалерот на Атлетико Мадрид, вчера изјави дека има намера кариерата да ја заврши во тој клуб.

Фернандо Торес ги помина сите млади селекции на Атлетико, а на 19-годишна возраст стана капитен на клубот. Тој потоа играше за Ливерпул, Челзи и Милан, а минатото лето се врати на „Висенте Калдерон“.
Минатата сезона потпиша нов договор на една година. Имаше понуда од Мексико, но 33-годишниот напаѓач сака да остане во неговиот клуб.
„Дома сум. Се вратив во Атлетико по осум години и тука сум искрено среќен. Сакам да играм за Атлетико и тука да ја завршам кариерата, но дотогаш сакам да освојувам трофеи и да му помогнам на клубот да остане еден од најдобрите во Европа. Во овој момент размислувам само за тоа“, изјави Торес, пренесе „Евроспорт“.
Тој изјави дека тренерот Диего Симеоне одлично ја врши работа и мисли дека Атлетико во овие неколку години испишува клупска историја.
„Има периоди во историјата на клубот кога ситуацијата е тешка и кога клубот може да го изгуби идентитетот, но со Симеоне ги вративме сите наши вредности, жртвувањето, борбениот дух... Ако продолжиме така, ќе може да им парираме на големите и моќни клубови“, изјави Торес.
Атлетико ова лето ќе се пресели на нов стадион, „Ванда Метрополитано“, со капацитет од 68.000 места, а Торес го постигна последниот гол на „Висенте Калдерон“, во победата против Атлетик Билбао од 3-1.

 

Најнови вести