Корисничко име Лозинка Пријави се
26.4.2017

Бартон суспендиран на 18 месеци

Џои Бартон, играчот за врска на Барнли, е суспендиран од фудбалот и од сите фудбалски активности на 18 месеци поради обложување, соопшти Фудбалската асоцијација на Англија.

Одлуката веднаш стапува на сила, а од Сојузот изјавија дека Бартон признал дека учествувал во обложувачки активности, што во правилата на однесување на Фудбалскиот сојуз на Англија се води како непримерно однесување.
Во соопштението се наведува дека Бартон во периодот од 26-ти март 2006 до 13-ти мај 2016 година учествувал во 1.260 обложувања. Независната регулаторната комисија донела одлука Бартон и парично да се казни, па играчот за врска за неговата грешка ќе плати 30.000 фунти.
„Признавам дека ги прекршив правилата наменети за професионалните фудбалери, но мислам дека казната е поголема отколку што би требало да биде. Се борев против зависноста од коцкање и во лекарскиот извештај го известив Сојузот за тоа. Жал ми е што не го зеле предвид тоа што сум бил одговорен кон својот проблем“, изјави Бартон.
Некогашниот играч за врска на Глазгов ренџерс веќе беше дел од афера за обложување, кога во септември минатата година беше под сомнение дека се обложил на дебаклот на тогашниот голем ривал Селтик.

Најнови вести