Корисничко име Лозинка Пријави се
25.4.2017

Варан се враќа, Реал се жали за црвениот картон на Рамос

Французинот Рафаел Варан од вчера тренира со екипата на кралскиот клуб и ќе биде во составот за дуелот со Депортиво Ла Коруња.

Во отсуство на Серхио Рамос поради црвениот картон на Ел Класико, враќањето на Рафаел Варан е најдобрата можна вест за Зинедин Зидан.
Варан е надвор од редовите од почетокот на април поради повреда на мускулите, но од вчера повторно тренира со екипата.
Медиумите од Мадрид наведуваат дека ќе конкурира за стартната постава со Начо, бидејќи надвор од редовите се Рамос и Пепе.
Во редовите на кралскиот клуб сметаат дека одлуката на судијата Алехандро Хосе Ернандес била остра и дека, иако капитенот на Реал го фаулираше Меси, не заслужил исклучување.
Арбитерот во неговиот извештај наведе дека Рамос го срушил противничкиот играч со голема сила во обидот да се избори за топката. Поради таквиот извештај, се верува дека капитенот на Реал ќе добие суспензија од еден натпревар, но мадриѓаните веруваат дека би можело да помине и без казна.
Реал Мадрид и Барселона се изедначени на табелата, со тоа што кралскиот клуб има и натпревар помалку, а утре гостува кај Депортиво Ла Коруња од 21.30 часот.

Најнови вести