07.2.2017 Реал и Валенсија на теренот на 22-ри февруари
Фудбалерите на Реал Мадрид и на Валенсија натпреварот од 16-тото коло на Примера лигата ќе го играат на 22-ри февруари.
Шпанската лига соопшти дека натпреварот кој требаше да биде одигран во декември, но беше одложен поради учеството на Реал на Светското клупско првенство, ќе биде одигран на „Месталја“, на 22-ри февруари.
Со тоа Реал ќе одигра осум натпревари за 25 дена, вклучувајќи ги и дуелите од осминафиналето на Лигата на шампионите со Наполи.
Реал во неделата требаше да игра против Селта, но тој натпревар е откажан од безбедносни причини, бидејќи поради големото невреме беше оштетен покривот на стадионот „Балаидос“.
Шпанската лига сè уште нема најдено термин за тој натпревар.