Корисничко име Лозинка Пријави се
13.12.2016

Симеоне: Повредата на Облак повеќе загрижува од поразот

Атлетико Мадрид беше убедливо поразен од Вилјареал (3-0) во 15-тото коло од Примера лигата, но остана и без првиот голман Јан Облак, кој го повреди рамото.

Словенечкиот голман се повреди во 38-мата минута, при обидот да интервенира кај голот на Дос Сантос, па на теренот мораше да излезе резервниот чувар на мрежата Мигел Анхел Моја. Тоа прилично го загрижи Диего Симеоне, тренерот на „јорганџиите“, дури повеќе и од поразот и од заостанувањето со 12 бодови зад првопласираниот Реал на табелата на Примера лигата.
„Најлошо што ни се случи е повредата на Облак. Се надеваме само дека не е ништо посериозно. Поради тоа ни беше многу тешко против Вилјареал во второто полувреме, бидејќи губевме со 2-0, а тимот направи сè за да го намали резултатот“, изјави Симеоне.
Атлетико и покрај релативно високиот пораз, ги задоволил критериумите на својот тренер.
„Почувствував дека екипата се трудеше, работеше, се бореше и бараше најдобра шанса за победа, и поради тоа резултатот не нè обесхрабрува. Мораме да продолжиме со работа бидејќи тоа е единствениот начин да напредуваме. Ги прифаќаме сите критики, бидејќи кога ќе изгубите, тоа е единствениот начин да се поправите“, изјави Симеоне.

Најнови вести