Корисничко име Лозинка Пријави се
14.9.2016

Словенецот Чеферин e седмиот претседател на УЕФА

Александер Чеферин, досегашниот претседател на Фудбалскиот сојуз на Словенија, е избран за нов претседател на Европската фудбалска федерација.

Чеферин има 49 години, по професија е правник, на чело на Фудбалскиот сојуз на Словенија е од 2011 година, а доби 42 гласа од 55 челници на Европскиот сојуз.
Во светот на фудбалот прв пат влезе во 2005 година како член на Управниот одбор на фудбалскиот клуб Свеа Лесна Литија, а по една година и во управата на фудбалскиот клуб Олимпија од Љубљана.
„Ајде заедно да ја унапредиме играта и ако е потребно да ја заштитиме. Сакам фудбалот секогаш да биде на прво место, ослободен од политички игри“, изјави Чеферин.
Течно зборува англиски и италијански јазик, а кога дојде на чело на Фудбалскиот сојуз на Словенија, пред сè, се залагаше за развој на младинската школа, локалните клубови и нивните соработки со Сојузот.
Минатата година беше повторно избран за претседател со нов четиригодишен мандат, а во текот на кандидатурата за челник на УЕФА во регионот се залагаше за подигнување на регионалната лига.
Чеферин на чело на УЕФА го наследи Мишел Платини, кој во октомври 2015 година по речиси девет години беше сменет на местото претседател поради корупција.
Во меѓувреме го заменуваше Анхел Марија Вилјар, претседателот на Фудбалскиот сојуз на Шпанија, кој во последен момент се повлече од трката, па конкурент на Чеферин на изборите беше само Холанѓанецот Михаел ван Праг.
Чеферин е избран до март 2019 година, кога му истекуваше мандатот на Платини.

Најнови вести