Корисничко име Лозинка Пријави се
25.4.2016

Ништо од Мурињо, Блан останува тренер на ПСЖ

Лоран Блан ќе остане на клупата на ПСЖ и следната сезона, потврди претседателот на клубот Насер Ал-Келаифи.

По елиминацијата на Парижаните во четврт-финалето од Лигата на шампионите од Манчестер сити, се шпекулираше дека Жозе Мурињо во јуни ќе го наследи Блан, иако многу рано ја обезбеди титулата на Франција.
„Договорот на Лоран му истекува за две години и сигурно ќе го води тимот следната сезона. Одговорноста кога се губи не е само негова, туку колективна. По титулата, за нас е многу важно што го освоивме Лига купот бидејќи последните две седмици беа тешки. Новиот трофеј ќе ни ја зголеми самодовербата“, порача Ал-Келаифи.
ПСЖ веќе освои три трофеи оваа сезона, по одбраната на Суперкупот и титулата на „Парк на принцовите“ остана и трофејот на Лига купот со триумфот над Лил со 2-1.
Пред „светците“ е нова шанса сезоната да ја завршат со четири трофеи, бидејќи ќе го играат и финалето на Купот против најголемиот ривал, Олимпик Марсеј.
На Лоран Блан следната сезона ќе му биде четврта на клупата на ПСЖ, а главната задача ова лето ќе му биде да пронајде замена за Златан Ибрахимовиќ,кој е најдобриот стрелец веќе четири години, а воедно е клучниот играч на Парижаните.

Најнови вести