Корисничко име Лозинка Пријави се
06.4.2016

„Шеиците“ во дуел за полуфинале

Во центарот на вниманието оваа вечер дефинитивно ќе биде „градот на светлината“ - ПСЖ четврта година по ред е меѓу осумте најдобри, а Сити е прв пат во четврт-финалето на најелитното европско натпреварување.

ПСЖ доминира во францускиот фудбал, минатиот месец ја обезбеди шампионската титула со победата од 9-0 против Троа. Тимот од Париз во натпреварот влегува со победа од 4-1 против Ница, а Манчестер сити со 4-0 го победи Борнмут.
Напаѓачот на тимот од Париз Златан Ибрахимовиќ е во добра форма, а му недостасува еден гол да го собори клупскиот рекорд на Паулета од 78 голови на сите натпреварувања. Швеѓанецот беше стрелец во последните четири натпревари во Лигата на шампионите.
„Манчестер сити има одлични играчи, го имаат Давид Силва, Серхио Агуеро и ако им ја дадеме топката ќе имаме многу проблеми. Одбраната ќе биде пресудна. Мораме да го контролираме натпреварот како што го сторивме тоа во дуелите против Челзи во осминафиналето“, изјави фудбалерот на ПСЖ, Тијаго Мота.
ПСЖ во последните три учества во Лигата на шампионите, натпреварувањето го завршуваше во четврт-финалето, а единствено полуфиналето од најелитното натпреварување го играше во сезоната 1994/95.
Голема одговорност во одбраната во тимот на Сити ќе мора да преземе Елијаким Мангала, откако капитенот, Винсан Компани се повреди, а неизвесен е и настапот на Јаја Туре поради повреда на коленото. 
Во англискиот тим поради повреда нема да биде Рахим Стерлинг, а неизвесен е настапот и на Џо Харт.
Сити во последните две сезони два пати беше елиминиран од Барселона во осминафиналето од Лигата на шампионите, а ПСЖ ќе се обиде да се пласира во четврт-финалето откако го купи катарскиот инвестициски фонд во 2011 година. 

Најнови вести