Корисничко име Лозинка Пријави се
04.4.2016

Зидан: „Ел Класико“ пресврт во сезоната

Тренерот на Реал Мадрид верува дека победата на „Ел Класико“ над Барселона со 2-1 би можела да биде пресвртница во сезоната за „кралскиот клуб“.

Мадриѓаните славеа на „Камп ноу“ со пресвртот откако Барселона поведе со голот на Жерар Пике, за подоцна Карим Бензема да го изедначи резултатот, а Кристијано Роналдо ги донесе сите три бодови на гостите пет минути пред крајот на натпреварот. Претходно Реал поради исклучување на Серхио Рамос остана со десетмина играчи на теренот, а исто така на Герет Бејл му беше поништен гол.
По овој триумф, Реал има седум бодови помалку од водечката Барселона на табелата на Примера, а до крајот на сезоната останаа уште седум кола. Сепак, целото внимание на „кралскиот клуб“ сега е упатено кон Лигата на шампионите, бидејќи Мадриѓаните во среда му гостуваат на Волфсбург во првиот натпревар од четврт-финалето.
„Кога ги гледам своите играчи обединети како даваат сè од себе за соиграчите, за тренерот не постои ништо поубаво. Ми се допадна сè кај мојот тим, и нападот и одбраната. Одигравме одлично против многу добри играчи. Навистина сметам дека ова би можело да биде пресвртница, ова е многу важен триумф за продолжување на сезоната, за нашиот тимски дух. Дојде во вистинскиот момент, пред првиот натпревар во четврт-финалето од Лигата на шампионите со Волфсбург“, истакна Зидан.
Реал во Барселона стигна до петта победа по ред, што е најдолга низа на Мадриѓаните откако Зидан ги презема во јануари. 

Најнови вести