09.5.2011 Тигана ја напушти клупата на Бордо
По дебаклот против Сошо (4-0) во домашниот натпревар од 34-тото коло на француското првенство тренерот на Бордо, Жан Тигана, поднесе оставка.
Неговата одлука беше
експресно прифатена од претседателот на клубот Жан-Луј Тријо.
„Ова беше катастрофална
вечер за клубот и за мене. Мојата ќерка ја навредуваа на трибините, а веќе
имаше проблеми и на училиште. Поради овие работи решив да се повлечам“, рече
Тигана на прес-конференцијата по натпреварот.
Поранешниот тренер на
Монако и Фулам и пред неколку недели ја понуди својата оставка, но тогаш таа не
беше прифатена. Тигана на клупата на Бордо дојде минатото лето, наследувајќи го
Лоран Блан, кој стана селектор на францускиот фудбалски тим.
Бордо, кој само пред две
години беше француски шампион, моментно се наоѓа на деветтото место на
табелата.