Корисничко име Лозинка Пријави се
17.8.2018

Појет доби отказ по критиките врз раководството на Бордо

Уругвајскиот стратег беше револтиран на вчерашната прес-конференција по мечот со Мариупол, поради продажбата на најдобриот напаѓач во тимот, Гаетан Лаборде

Бордо вчера се пласираше во плејофот на Лигата на Европа елиминирајќи го украинскиот тим на Мариупол, но, тимот остана без тренер откако Густаво Појет доби отказ утрово.

Имено, Појет вчера јавно го критикуваше раководството на клубот поради продажбата на напаѓачот Гаетан Лаборде на Монпелје, додека никој од управата не му соопштил на Уругваецот, притоа не го испочитувале неговиот услов да се доведе нов играч доколку Лаборде си замине. Појет ги нарече потезите на управата срамни и се закануваше со отказ на прес-конференцијата, меѓутоа не дочека сам да си поднесе оставка бидејќи документите за раскин на договорот веќе беа подготвени утрово.

„Воопшто не сум среќен, ова е еден од најсрамните денови за клубот. Срамно е тоа што го направија со Лаборде, им напоменав да не го продаваат доколку не доведат адекватна замена. Тие го направија сосема спротивното, не го послушаа мојот совет ниту, пак, го почитуваа мојот збор. Дури утрово откако пристигнав во просториите на клубот дознав дека Лаборде веќе си заминал на Монпелје. По вакво непочитување, немам желба да работам со луѓе кои работат против мене, играчите и навивачите“, истакна Појет на вчерашната прес-конференција по мечот со украинскиот состав.

Раководството веднаш го разреши Појет, па сега Бордо е без тренер и којзнае кога ќе пристигне негова замена или, пак, кој ќе биде стратегот што ќе сака да работи со олку лошо организирана управа.


 

Најнови вести