25.7.2018 Мутињо од Монако во Вулверхемптон
Португалскиот играч за врска Жоао Мутињо стана нов член на Вулверхемптон вондерерс, во којшто стигна од редовите на Монако.
Триесет и едногодишниот играч од средината на теренот со „волците“ потпиша двегодишен договор, а во трансферот Монако заработи околу пет милиони фунти.
Жоао Мутињо во кариерата играше во Спортинг од Лисабон и во Порто, додека последните пет сезони ги помина во Кнежевството.
За репрезентацијата на Португалија Мутињо играше на 113 натпревари и е трет играч со најмногу настапи во историјата на оваа земја, зад Кристијано Роналдо и Луис Фиго.
Мутињо во Вулверхемтпон ќе игра со голем број сонародници, бидејќи во клубот веќе се Диего Жота, Рубен Невес и голманот Руи Патрисио.