Корисничко име Лозинка Пријави се
24.3.2016

Берлускони: Михајловиќ останува доколку го освои купот

Силвио Берлускони, претседателот на Милан, изјави дека не е задоволен со играта на „росонерите“, но за тоа не е виновен само тренерот Синиша Михајловиќ.

Речиси од половината на сезоната медиумите на Апенините наведуваат дека следниот натпревар е клучен за судбината на српскиот стручњак на клупата на седумкратниот првак на Европа, како и дека токму Берлускони сака што порано да му се „заблагодари“ на соработката.
Милан по 30-тото коло во Серија А го зазема шестото место на табелата со 49 бодови, шест помалку од градскиот ривал Интер и Фиорентина, кои се наоѓаат на местата кои следната сезона водат во Лигата на Европа.
Меѓутоа, креаторот на модерниот Милан, „Дон Силвио“ истакнува дека поранешниот селектор на Србија ќе ја задржи работата доколку тимот од „Сан Сиро“во финалето на италијанскиот Куп го совлада Јувентус, а воедно и го освои првиот трофеј во тоа натпреварување по 2003 година.
„Не сакам да давам било каква јавна оцена за работата на Михајловиќ, иако видов нешто во играта на Милан, нешто што не ми се допаѓа, а моменталната ситуација не е само негова вина. Таа е еднаква на целиот тим, но и на управата на клубот која не го направи вистинскиот избор во одбирањето на играчите. На крајот,ако Михајловиќ го освои купот ќе остане на клупата и следната сезона“, изјави Берлускони.
Берлускони потоа се заврти и кон прашањето на новинарите колку е реално во Милан следното лето да пристигнат Златан Ибрахимовиќ и Франческо Тоти.
„Тоа е апсолутно невозможно. Што се однесува до Тоти, работата е едноставна бидејќи неговата фудбалска припадност не може да се купи, додека пак Ибрахимовиќ има неверојатни понуди за Кина и Обединетите Арапски Емирати. Тоти можеме да го доведеме единствено како менаџер“, објасни Берлускони.

Најнови вести