Корисничко име Лозинка Пријави се
08.3.2016

Пјаниќ: Одиме во Мадрид по чудо

Играчот за врска на Рома Миралем Пјаниќ не се предава во борбата за четврт-финалето во Лигата на шампионите.

Римјаните во првиот натпревар загубија од Реал со 2-0 на свој терен на „Олимпико“, но Пјаниќ верува дека може да се случи чудо во Мадрид.
„Имаме многу тежок резултат. Натпреварите на вакво ниво ги одлучуваат детали, а Реал ги казни нашите грешки. Одиме таму по чудо, сè е можно во фудбалот. Ремизиравме со шампионот Барселона, сега ќе се обидеме да одиграме совршено и да го загрозиме Реал кога ќе ни се пружи можност“, изјави Пјаниќ.
Рома е во одлична форма од доаѓањето на Лучијано Спалети на местото на Руди Гарсија, ги доби последните три натпревари, сите три со најмалку два гола разлика, а во петокот ја победи Фиорентина со 4-1, директниот конкурент во борбата за пласман во Лигата на шампионите во следната сезона.
„Одлично се чувствувам, како и остатокот од тимот. Сите знаеме што мораме да сториме. Секогаш имаме слободен играч на кого можеме да му ја додадеме топката и тоа ја покажува нашата самоувереност на теренот“, додаде Пјаниќ.
Реал победи во 28 од последните 33 натпревари на својот стадион во Лигата на шампионите, а последен пат загуби со два гола разлика во полуфиналето во сезоната 2010/11 од Барселона.
Реал во натпреварот влегува по првенствената победа над Селта од 7-1 на „Сантијаго Бернабеу“, на која Кристијано Роналдо постигна четири голови.
Герет Бејл се враќа во тимот на мадриѓаните, но ќе отсуствува Карим Бензема на чие место ќе игра 18 годишниот Борха Мајорал.
Натпреварот во Мадрид се игра вечерва во стандардниот термин во Лигата на шампионите во 20:45 часот.

Најнови вести