Корисничко име Лозинка Пријави се
21.12.2015

Ултиматум за Ван Хал, преговори со Мурињо

Менаџерот на Манчестер јунајтед Луис ван Хал доби уште два натпревари како шанса за да ја задржи својата работа на „Олд Трафорд“.

„Црвените ѓаволи“ веќе четири кола се без победа во Премиер лигата, поразени се во последните две недели, а загубија неочекувано и од Норвич на домашен терен.
Англиските медиуми  пренесуваат дека челниците на Јунајтед му поставиле ултиматум на Ван Хал да ги добие следните два натпревари, со Стоук во сабота и два дена подоцна со Челзи доколку не сака да добие отказ.
Во меѓувреме, се појавија шпекулации дека отпуштениот тренер на „сините“, Жозе Мурињо, веќе разговарал со луѓето од „Олд Трафорд“ околу можноста за преземање на тимот во текот на зимата, со оглед на тоа дека истакнал дека не сака да прави пауза.
Како клучен момент медиумите го истакнуваат денешниот ден, односно ако Ван Хал до тогаш не биде заменет, очекувано е да го води тимот на саботниот натпревар против Стоук во 18-тото коло во Премиер лигата.
Уште пред две години се шпекулираше околу можното доаѓање на Жозе Мурињо на „театарот на соништата“, како замена за легендарниот Алекс Фергусон, но Шкотланѓанецот му даде предност на својот сонародник Дејвид Мојс, кој не издржа ниту цела сезона.
Покрај Мурињо, како потенцијална замена за Ван Хал се споменува и Шпанецот Пеп Гвардиола, кој ова лето ќе го напушти Баерн Минхен, но го сака и градскиот ривал Манчестер сити. Во тој случај најверојатно Рајан Гигс би го преземал тимот до крајот на оваа сезона, како во ситуацијата со Мојс во 2014-тата година.
Јунајтед моментално се наоѓа на петтото место на табелата со 29 бодови, исто колку што има и Кристал палас, заостанува со девет бодови зад лидерот Лестер, четири зад Арсенал, а три зад „граѓаните“, со кој има меѓусебен дуел во понеделник навечер.

Најнови вести