16.12.2015 Твенте три години не смее во Европа
Фудбалскиот клуб Твенте во следните три сезони нема да може да игра на ниту едно европско натпреварување, дури и ако се избори за пласман.
Ова е одлука на Фудбалската асоцијација на Холандија, која го казни Твенте бидејќи неговите челници намерно го измамиле владејачкото тело на фудбалот во Холандија во инвестиција со фирмата „Дојен Спортс “ од Малта.
Покрај суспензијата, Твенте ќе мора да плати 45.250 евра, а покрај тоа одземена му е професионалната лиценца, која ќе му биде вратена само доколку соработува во истрагата во клубот.
„Погодена е основата на нашиот фудбалски клуб. Од ова не се погодени само фудбалерите, туку и нашите навивачи, спонзорите, вработените, волонтерите и сите останати кои стојат зад фудбалскиот клуб Твенте“, стои во соопштението на Твенте.
Покрај Твенте, споменатата инвестициска фирма соработувала и со Атлетико Мадрид, Бенфика, Порто, Севилја и Валенсија.
Твенте ја прифати суспензијата од европските натпреварувања и нема да поднесе жалба.