Корисничко име Лозинка Пријави се
21.7.2015

Митровиќ претставен во Њукасл

Српскиот фудбалски репрезентативец Александар Митровиќ, досегашниот напаѓач на Андерлехт, официјално стана играч на Њукасл во следните пет години.

Њукасл не го соопшти износот на трансферот за Митровиќ, кој за Андерлехт на 90 натпревари постигна 44 голови, но изјави дека е четврт најскап во историјата на клубот.
Стив Мекларен, менаџерот на Њукасл, изјави дека клубот успеал да ја победи силната конкуренција и во своите редови да доведе еден од најголемите европски таленти.
„Ова е фантастично засилување за нас. Со многумина се боревме за да го обезбедиме потписот на врвниот млад играч во Европа. Александар е некој кој може да се развие со тимот и кој ќе ни помогне да стигнеме каде што сакаме. Како управа, заеднички работевме за да се случи ова. Демонстрација на тоа дека сакавме да го поттурнеме процесот“, изјави Мекларен.
Митровиќ е второ засилување на Њукасл, по Холанѓанецот Жоржињо Вејналдум, кој стигна од ПСВ Ајндховен.
„Го посетив стадионот и беше неверојатно. Играв на многу поимпресивни стадиони, но ’Сент Џејмс парк’ е толку голем што не можам да го дочекам својот прв натпревар овде“, изјави 20-годишниот Митровиќ.
Србинот минатата сезона во дресот на Андерлехт постигна 28 голови во сите натпреварувања, а за неговиот трансфер во Њукасл лично инсистирал Мекларен.
Митровиќ во 2013 година од Партизан направи трансфер во Андерлехт, додека за репрезентацијата на Србија настапил на 13 натпревари и постигнал еден гол.

Најнови вести