Корисничко име Лозинка Пријави се
11.6.2015

Мекларен го презеде Њукасл

Стив Мекларен, поранешниот селектор на фудбалската репрезентација на Англија, е именуван за нов менаџер на Њукасл.

Мекларен потпишал договор на три години, со можност за продолжување уште на пет.
Тој на клупата на „чавките“ ќе го замени привремениот менаџер Џон Карвер, кој вчера доби отказ.
„Привилегија е да се биде менаџер на Њукасл. Ова е голем клуб со одлична традиција. Во сабота претпладне ’Сент Џејмс парк’ е како катедрала, симбол на градот, и возбуден сум што ја добив шансата. Знам колку е важен Њукасл за овој град и дека има навивачи коишто се меѓу најлојалните, страсни и најпосветени на светот“, изјави Мекларен за клупската интернет-страница.
Тој додаде дека прва цел ќе му биде на Њукасл да му донесе трофеј.
„Ни претстои голема работа, но управата на клубот јасно ми стави до знаење што сака. Како менаџер веќе имав успеси, сметам дека клуб каков што е Њукасл мора да освојува трофеи и да биде меѓу осумте најдобри екипи во Премиер лигата“, додаде Мекларен.
Мекларен во текот на кариерата ги водеше: Мидлсборо, Твенте, Волфсбург, Нотингам форест, Квинс парк ренџерс и селекцијата на Англија.

Најнови вести