Корисничко име Лозинка Пријави се
18.5.2015

Продолжува доминацијата на ПСЖ во Франција

Фудбалерите на ПСЖ ја освоија третата последователна шампионска титула на Франција, петта во клупската историја.

Парижаните до новиот трофеј стигнаа во претпоследното коло на Лига 1, со победата во Монпелје од 2-1, а благодарение на ремито (1-1) на Лион со Бордо.
„Светците“ поголемиот дел од првенството беа зад Лион и Марсеј, но со осумте последователни победи од средината на март ги искористија повремените киксеви на ривалите.
Конечната победа ПСЖ ја оствари без својот клучен играч Златан Ибрахимовиќ, кој го повреди листот на ногата.
Блез Матуиди и Езекиел Лавеци со головите во првите 25 минути му донесоа триумф на ПСЖ, а поразот на домаќинот го ублажи Антони Муние во финишот на првото полувреме.
Пред последното коло, ПСЖ има осум бодови повеќе од Лион, кој ќе се задоволи со директен пласман во Лигата на шампионите.
Во квалификациите веројатно ќе игра Монако, кој со победата од 2-0 над Мец, ја задржа предноста од два бода пред Марсеј.
Марсеј славеше со 4-0 во Лил, но со третата последователна победа не успеа да ја надополни низата од четири порази во текот на април.
Клубот од „Велодром“ сепак обезбеди место во Лигата на Европа, покрај Сент Етјен, благодарение на победите, како и на ремито на Бордо во Лион.
Познати се и сите тројца патници во Лига 2, на Ленс и Мец им се придружи Евијан, откако по поразот од Сент Етјен остана на пет бодови од Тулуз, најблискиот до сигурната зона.

Најнови вести