21.12.2014 „Кралевите“ се нови светски владетели
Фудбалерите на Реал Мадрид го освоија Светското клупско првенство со победа од 2:0 над Сан Лоренцо во финалето во Маракеш.
Реал Мадрид ја потврди фаворитската улога и на најдобар можен начин ја заокружи 2014 година со четвртиот освоен трофеј.
После шпанскиот Суперкуп, Лигата на шампионите и Суперкупот на Европа, „кралевите“ под водство на Карло Анчелоти станаа и светски владетели. Покрај тоа, уште еднаш се докажа дека европскиот фудбал е многу понапред од останатите делови на светот.
На италијанскиот стручњак ова му е втор трофеј на Светското клупско првенство, откако во 2007 година го освои со Милан.
Мадриѓаните рутински славеа во финалето во Мароко против аргентинската екипа, иако на стадионот во Маракеш се играше доста остро. Фудбалерите на Реал Мадрид влегоа нервозно во натпреварот и не успеваа да организираат вистински напади, иако од почетокот ја имаа иницијативата.
Сепак, после една добра шанса на Бензема и неколку полушанси, Реал Мадрид успеа да дојде до водство со голот на Серхио Рамос. Одбранбениот фудбалер, исто како и во финалето на Лигата на шампионите, се ослободи од својот чувар после корнерот во 37 минута и со удар со глава му донесе предност на европскиот шампион.
Реал продолжи со нападите, често се обидуваше Кристијано Роналдо, кој не беше стрелец на овој турнир, а дилемите околу победникот ги реши Герет Бејл во 51-та минута. После една долга акција Бејл доби одлична топка од Иско, упати слаб удар од 15-ина метри, но аргентинскиот голман очајно реагираше и топката пројде под него за конечен резултат во финалето.
Третото место во Маракеш го освои Оукленд сити од Нов Зеланд кој претходно го победи мексиканскиот Крус Асул по подобро изведување пенали.