Корисничко име Лозинка Пријави се
21.10.2014

Манчестер Сити пред празни трибини во Москва

Фудбалерите на Манчестер сити гостуваат на празната арена „Химки“ во Москва кај екипата на ЦСКА и едноставно мора да победат доколку сакаат да останат во трка за пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите.

Шампионот на Англија по две кола, има само еден бод - во Минхен беше поразен од Баерн со 1-2, додека на свој терен ремизираше со Рома.
Дополнителен проблем на „граѓаните“ ќе им претставува отсуството на повредениот Френк Лампард.
„Френк го оштети бутниот мускул и неколку седмици ќе биде надвор од теренот. Засега е сигурно дека нема да игра во Москва. Имаме два натпревари против ЦСКА и мораме да ги добиеме двата. Најдобар начин за тоа е во секој натпревар да влегуваме како да е финале, да се обидеме да го добиеме и верувам дека сме подготвени“, изјави Мануел Пелегрини, менаџерот на Сити, пред натпреварот.
Натпреварот ќе се игра без присуство на публика, поради казната што ја има ЦСКА Москва по инцидентот на нејзините навивачи против Рома во Рим.
„Тоа што ќе се игра пред празни трибини не олеснување за моите фудбалери, напротив, тоа ќе влијае на играта на двете екипи“, додаде чилеанскиот стручњак.
„Победите во рускиот шампионат нè радуваат, особено убедливиот триумф (6-0) против Краснодар, кој ни дава самодоверба. Верувам во поволен резултат“, изјави Зоран Тошиќ, репрезентативецот на Србија кој настапува за ЦСКА Москва.

Најнови вести