Корисничко име Лозинка Пријави се
17.5.2014

Роналдо и Бејл подготвени, Агире се разделува со Еспањол

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, потврди дека Кристијано Роналдо и Герет Бејл ќе бидат подготвени за денешниот натпревар со Еспањол.

Роналдо поради повреда го пропушти мечот против Селта во кој кралскиот клуб беше поразен со 2-0 со што ги загуби шансите за шампионската титула во Шпанија.
„Кристијано сега е добро, нема никакви проблеми“, изјави Анчелоти.
Роналдо има шанса со еден постигнат гол на денешниот натпревар да стане најдобар стрелец во елитните европски првенства. Во моментов има ист број голови, 31, со напаѓачот на Ливерпул, Луис Суарез.
Реал денеска во 16 часот го пречекува Еспањол, а шанса сезоната да ја заврши успешно има на 24 мај кога во финалето на Лигата на шампионите во Лисабон ќе се сретне со Атлетико Мадрид.
Од вториот клуб од Барселона, Еспањол, најавија дека на крајот на сезоната ќе ја прекинат соработката со тренерот Хавиер Агире.
„Одлуката е донесена во последен момент, но по неколку денови преговори. До вчера немавме никаква одлука, но на крајот решивме дека за двете страни е најдобро да се разделиме“, изјави мексиканскиот стручњак.
Педесет и петгодишниот Агире претходно ги водеше Атлетико Мадрид, Осасуна и Сарагоса, а Еспањол го презема минатата сезона. Сè уште не е познато кој ќе биде новиот тренер на клубот од Барселона.

Најнови вести