Корисничко име Лозинка Пријави се
14.11.2013

Уругвај и Мексико на чекор до Мундијалот

Уругвај и Мексико со убедливи победи против Јордан, односно Нов Зеланд во првите натпревари од интерконтиненталниот бараж за пласман речиси обезбедија пласман на Светското првенство во Бразил догодина.

Репрезентацијата на Уругвај, предводена од Кавани и Суарес, немаше никакви проблеми на гостувањето во Јордан и со 5-0 по првиот меч си го обезбеди пласманот на Мундијалот во Бразил догодина. Азискиот претставник беше недораснат противник за многу поквалитетните Уругвајци, кои по првиот дел имаа предност од 2-0 со головите на Переира и Стуани. Во вториот дел Уругвај преку Лодеиро, Родригез и Кавани го посрамоти домаќинот и го направи реваншот само формалност.
Сличен развој на настаните имаше и на вториот вчерашен бараж-натпревар меѓу Мексико и Нов Зеланд. И Мексиканците имаа предност од 2-0 по првото полувреме преку Агилјар и Хименес, а во вториот дел постигнаа уште три гола – Пералта два и Рафа Маркес. Да не биде сè исто како во првиот бараж, се погрижи Џејмс на пет минути до крајот, кој го постигна почесниот гол за Нов Зеланд и кој речиси не значи ништо пред реваншот кој се игра следната среда.
Во европските квалификациски баражи утре играат Исланд - Хрватска, Грција - Романија, Португалија - Шведска и Украина - Франција.

Најнови вести