12.9.2013 Наполи го враќа Варгас по двата гола на Шпанците
Едуардо Варгас, 23-годишниот чилеански фудбалер, минатата година дојде во Наполи од Универзидад де Чиле. Но, моментно не е во составот на Рафаел Бенитес, туку игра на заем во бразилскиот Гремио.
Но, речиси е сигурно дека на крајот на оваа календарска година овој одличен напаѓач ќе се врати во Наполи. Оваа седмица Варгас уште еднаш блесна во својата кариера и ги постигна двата гола на Шпанците, светските и европски шампиони, за 2-2 во пријателската средба.
„Варгас го имаме на заем до крајот на годината и мислам дека ќе биде невозможно да го задржиме. Не постои никаква клаузула во договорот, така што сме спремни на повикот на Наполи и заминувањето на Варгас“, изјави Руи Коста, спортскиот директор на Гремио.
Во седум овосезонски натпревари во бразилската Серија А Варгас постигна три погодоци, а неговата екипа е трета на табелата.