17.7.2013 Малуда се пресели во Трабзонспор
Флоран Малуда, 33-годишниот поранешен француски фудбалски репрезентативец, пронајде нов клуб по истекувањето на договорот со Челзи - турскиот прволигаш Трабзонспор.
Малуда веста ја потврди преку својата интернет-страница, иако должината на договорената соработка не е позната.
Поранешниот играч на Лион одигра значајна улога во освојувањето на Челзи на Лигата на шампионите и на ФА купот 2011/12, но потоа го снема. Минатата сезона статусот на Малуда во Челзи е замрзнат и имаше само еден настап под водство на менаџерите Роберто ди Матео и Рафаел Бенитес, а добар дел од сезоната тренираше со младата екипа.
Жозе Мурињо, актуелниот менаџер на Челзи, го доведе на „Стемфорд бриџ“ во 2007 година, во својот прв мандат на клупата на „сините“, за 15,5 милиони евра, а денес неговата вредност се проценува на два милиони евра.
Трабзонспор минатата сезона ја заврши на деветтото место во турското првенство.