Корисничко име Лозинка Пријави се
19.6.2013

Пирс по дебаклот на младинското првенство доби отказ

Стјуарт Пирс веќе не е селектор на младата репрезентација на Англија бидејќи Фудбалската асоцијација на таа земја одлучи да не го продолжи договорот со него.

Судбината на 51-годишниот тренер на клупата на „гордиот Албион“ многупати е доведувана во прашање во последнава година, но катастрофалниот учинок на Европското првенство во Израел дефинитивно го чинеше губење на работата.
Двократниот шампион на Стариот континент во таа возраст групата со домаќинот Израел, Норвешка и Италија ја заврши со нула бодови и веднаш по завршувањето на групната фаза, се врати дома.
Од тимот во кого играат едни од најголемите таленти на Островот, Вилфрид Заха, новиот член на Манчестер јунајтед, фудбалерите на Ливерпул Џордан Хендерсон и Џонџо Шелви, како и бековите Дени Роуз и Нет Клајн, дефинитивно се очекуваше повеќе.
Пирс пред почетокот сакаше да го продолжи договорот кој истекува на крајот на месецот, но во Сојузот ја одбија таквата можност. Некогашниот тренер на Манчестер сити младата селекција ја презеде во 2007 година и две години подоцна стана вицешампион на Европа.
„Му благодарам на Пирс за неговата работа. Никој не се сомнева во неговата посветеност на работата во текот на изминатите шест години. Имаше добри резултати во квалификациите за завршниот турнир, но лошите резултати на претходните два резултираа да не ја продолжиме соработката со него“, изјави Дејвид Бернстин, претседателот на Фудбалскиот сојуз.
Главни кандидати за наследник на Пирс се Герет Саутгејт и Мајк Еплтон, додека како опција се споменува и некогашниот селектор на сениорската репрезентација и помошник на Алекс Фергусон во Јунајтед, Стив Мекларен.

Најнови вести