31.5.2013 Спортскиот директор на ПСЖ, Леонардо, суспендиран на девет месеци
Бразилецот Леонардо, спортскиот директор на новиот француски фудбалски шампион ПСЖ, е суспендиран на девет месеци поради судирот со судијата по натпреварот со Валенсиен.
Спортскиот директор ги изгуби нервите по вториот последователен натпревар во францускиот шампионат во кој париската екипа остана со играч помалку поради црвен картон. Средбата против Валенсиен, во кој трагичар беше Тијаго Силва, заврши без победник (1-1), што многу го налути Леонардо.
Камерата го улови поранешниот репрезентативец на Бразил како пред влезот на судиската соблекувална со рамо намерно се судира со судијата Кастро, што Дисциплинската комисија на Францускиот фудбалски сојуз го прогласи за крајно недопустливо, па го суспендира Леонардо дури на девет месеци!
ПСЖ во завршницата ја освои шампионската титула на Франција, но за Леонардо поголемиот дел од наредната сезона, што се однесува до клупските обврски на местото спортски директор, е завршен.
Новиот француски шампион најави жалба на одлуката за суспензија, жалејќи се дека е преостра.