Корисничко име Лозинка Пријави се
17.5.2013

Дејвид Бекам се повлекува од фудбалот

Поранешниот капитен на англиската репрезентација и маркетиншки најекспонираниот фудбалер во светот, Дејвид Бекам, објави дека по завршувањето на сезонава ќе се повлече од фудбалот.

„Благодарен сум на ПСЖ што ми пружи шанса да продолжам, но чувствувам дека ова е вистинско време да ја завршам кариерата, играјќи на највисоко ниво“, изјави триесет и осумгодишниот фудбалер.
Во играчката кариера која трае веќе 20 години Бекам, вклучувајќи ја и титулата француски шампион со ПСЖ сезонава, досега освои 19 трофеи, од што 10 првенствени титули, а покрај тоа е единствен англиски фудбалер кој освоил првенствени наслови во четири земји.
„Да ми кажевте како мал дека ќе играм и освојувам титули со мојот детски клуб Манчестер јунајтед и дека ќе играм за некои од најголемите светски клубови и дека ќе соберам повеќе од 100 настапи за репрезентацијата, би ви рекол дека тоа е фантазија. Среќен сум што се остварија тие соништа“, додаде фудбалерот кој за репрезентацијата на Англија има 115 настапи, почнувајќи од дебито во 1996 година, па сè до настапот на натпреварот против Белорусија во 2009 година.
„Ништо нема целосно да ја замени играта која ја сакам. Сепак, чувствувам дека почнувам нова авантура и искрено сум возбуден поради тоа што ме чека“, порача Бекам.
Фудбалската кариера Бекам ја почна во 1993 година во дресот на Манчестер јунајтед со кој освои шест титули англиски шампион и една во Лигата на шампионите. Во Реал Мадрид се пресели во 2003 година, а од 2007 играше за Лос Анџелес галакси, а за време на неговиот ангажман во МЛС лигата на два пати играше како позајмен фудбалер во Милан.
Во ПСЖ дојде во јануари и потпиша петмесечен договор, а цела заработка реши да ја донира во добротворни цели. До крајот на сезоната со ПСЖ го очекуваат уште два натпревари, против Брест утре и против Лориен на 26 мај.

Најнови вести