11.3.2013 Бесни навивачи на Палермо протестираа пред стадионот
Стотина лути навивачи на италијанскиот фудбалски прволигаш Палермо вчера протестираа пред нивниот стадион „Ренцо Барбера“ по поразот од 2-1 од Сиена во 28-то коло на италијанската Серија А.
Причина се катастрофалните игри на клубот оваа сезона, кој го држи последното место на лигашката табела со 21 бод и кој не знае за победа во последните 14 кола.
Навивачите ги навредуваа домашните играчи и раководството на клубот и со разни предмети го гаѓаа автобусот на екипата пред стадионот. Дел од навредите беа посебно резервирани за претседателот на клубот, Маурицио Цампарини, кој оваа сезона смени три различни тренери, а еден од нив повторно го врати на клупата.
Џузепе Санино беше сменет само по три натпревари и беше заменет со Џанпјеро Гасперини. Тој е сменет по поразот од Аталанта во февруари, а го наследи Алберто Малезани, кој, пак, издржа три натпревари како и Санино. Потоа Цампарини одлучи да го врати Гасперини, чија позиција сега е многу несигурна.