Корисничко име Лозинка Пријави се
02.3.2013

Девет меча суспензија за фудбалер на Клуж

Дисциплинската комисија на Романската фудбалска лига го казни португалскиот одбранбен фудбалер во редовите на Клуж, Рикардо Каду, со забрана за настап на девет натпревари по грубиот старт над противнички играч.

Инцидентот се случи минатиот понеделник на натпреварот од 20 коло од романското првенство меѓу Клуж и Васлуј. Каду со вистински кунг-фу удар пред крајот на првото полувреме го удрил бугарскиот одбранбен фудбалер Живко Миланов и му скршил пет заби.
„Ова е тежок удар за Клуж. Ваквата одлука не е нормална затоа што тоа беше несреќен случај. Јасно дека ќе се жалиме на оваа пресуда“, изјави претседателот на Клуж, Јулиу Мурешан.
„Само сакав да ја удрам топката, а тој ја спушти главата прениско. Не го видов и не сакав да го удрам, само не можев да се запрам. Дури откако го удрив сфатив што се случи и многу ми е жал“, изјави Каду, кој по грубиот старт доби црвен картон, а покрај суспензијата од девет натпревари, треба да плати и парична казна од 4000 евра.
Клуж во моментов е на шестото место со 33 бодови и заостанува 17 бода зад лидерот Стеауа.