Фудбалерите на романскиот ЦФР Клуж најавија дека ќе го бојкотираат наредниот првенствен натпревар доколку управата на клубот не им ги исплати заработката и ветените бонуси.
Василе Мириуца, тренерот на Клуж, изјави дека играчите се незадоволни и дека нема да истрчаат на теренот за дуелот со Ботошани во сабота ако во меѓувреме не се промени нешто. „Играчите ми го кажаа тоа по натпреварот со Брашов и целосно ги разбирам. Без оглед што ќе се случи на крајот, јас ќе поднесам оставка на шести декември“, изјавил Мириуца за локалните медиуми, а пренесува „Ројтерс“. ЦФР Клуж е еден од најуспешните романски клубови во последно време, во периодот од 2008 до 2012 година освои три шампионски титули и три на националниот Куп и неколку пати учествуваше во групната фаза на Лигата на шампионите. Екипата по 13 одиграни натпревари, се наоѓа на второто место на табелата на романскиот шампионат со 26 бодови, пет помалку од првопласираната Стеауа.
Поврзани вести