Корисничко име Лозинка Пријави се
02.1.2013

Мура конечно премина во ПСЖ

Бразилскиот фудбалер Лукас Мура вчера официјално стана нов играч на ПСЖ откако потпиша договор на четири и пол години.

Мура така тргна по стапките на своите сонародници Раи, Леонардо и Роналдињо, кои со големи успеси играа на „Паркот на принцовите“. Всушност Леонардо, сега спортски директор на моменталниот лидер на Лига 1, е еден од најзаслужните што Мура на крајот го избра ПСЖ, а не Манчестер јунајтед, кој, исто така, изрази голема желба да го доведе.
„ПСЖ има долга успешна врска со бразилските фудбалери. Се надевам дека јас ќе продолжам по тој пат и дека ќе ги израдувам навивачите“, рече Мура кога им се приклучи на новите соиграчи во тренинг-кампот во Доха и додаде: „Сите очекуваат многу од мене, но јас сум полн со самодоверба. Беше голем предизвик да се избере ПСЖ, но Леонардо доста ми помогна во донесувањето на одлуката“.
Иако договорот, кој вреди 40 милиони евра, со дополнителни речиси пет милиони како бонус, е постигнат минатото лето, бразилскиот интернационалец го потпиша дури вчера, бидејќи му беше дозволено да ја заврши сезоната во Сао Пауло.
„Пресреќен сум што знам дека Карло Анчелоти смета на мене. Ќе дадам сè од себе за тимот, дојдов за да му помогнам“, истакна Мура.

Најнови вести