Корисничко име Лозинка Пријави се
27.6.2012

Домингез нов член на Менхенгладбах

Германскиот фудбалски бундеслигаш Менхенгладбах го комплетира трансферот на повремениот шпански репрезентативец Алваро Домингез од Атлетико Мадрид.

Откако клубовите се договорија за цената (засега необјавена), 23-годишниот Домингез потпиша петгодишен договор, кој истекува летото 2017 година. Шпанецот, кој имаше два настапи за „црвената фурија“, ќе го замени Бразилецот Данте на позицијата стопер.
„Алваро беше наша прва желба за позицијата лев централен одбранбен играч откако Данте потпиша за Баерн Минхен. Тој беше првотимец на Атлетико, кој во 2010 и 2012 година ја освои титулата во Лигата на Европа, а неодамна се проби во шпанската репрезентација. Нам ни е многу драго што нè избра баш нас“, рече спортскиот директор на клубот од Менхенгладбах.
Домингез е трето засилување на Менхенгладбах ова лето, откако претходно клубот потпиша со Гранит Џака и Пениел Млапа. Минатата сезона за Атлетико настапи 40 пати во сите натпреварувања, а притоа постигна четири погодоци.

Најнови вести